Продажба од врата на врата

Skip listen and sharing tools

Вашите права во Австралија

Што е тоа продажба од врата на врата?

Продажба од врата на врата може да вршат луѓе: 

  • што сакаат да ви продадат стоки за домаќинството
  • што нудат да извршат поправки во вашата куќа
  • што од вас бараат да ја смените компанијата што ве снабдува со гас, електрична енергија, телефонски услуги или интернет.

Кога продавачот може да дојде на мојата врата?

Продавачот смее да дојде на вашата врата меѓу: 

  • 9 часот претпладне и 6 часот попладне од понеделник до петок 
  • 9 часот претпладне и 5 часот попладне во сабота.

Тие не смеат да доаѓаат во недела или на државен празник. 

Меѓутоа, добавувач или агент може да ве посети во секое време ако вие сте дале согласност за тоа. 

Кон кои правила мора да се придржува продавачот од врата на врата? 

Кога ќе дојде на вашата врата, продавачот мора: 

  • да ви каже зошто дошол кај вас 
  • да ви каже како се вика и за која компанија работи
  • да ви каже дека мора да си замине ако вие го побарате тоа од него (ако го замолите продавачот да си замине, тој не смее пак да дојде кај вас најмалку во наредните 30 дена)
  • да ви каже дека имате право да го откажете договорот (притоа мора да ви каже и како може да го раскинете договорот)
  • да приложи целосни контактни поединости кон секој договор што тој ќе го потпише од името на својот добавувач 
  • да ви даде писмен примерок од секој договор пред да биде тој потпишан
  • да не бара да му се плати во рок од 10 работни дена од потпишувањето на договорот
  • да не доставува стоки вредни повеќе од $500 во рок од 10 работни дена од потпишувањето на договорот
  • да не испорачува услуги во рок од 10 работни дена од потпишувањето на договорот.

Не ме интересира тоа што го нуди продавачот... што можам да сторам?

  • Речете „не, благодарам“. 
  • Немојте да чувствувате дека сте принудени да купите нешто од луѓето што ви доаѓаат на врата. 

Секогаш речете „не“ ако продавачот: 

  • нуди нешто што звучи премногу добро за да биде вистинито 
  • бара да му се плати пред да испорача било каква стока или услуга
  • се однесува на начин поради кој вие се чувствувате нервозно или непријатно. 

Луѓе што тврдат дека работат за државата

  • Некој ви доаѓа на врата велејќи дека е од некој државен оддел – на пример, од Австралиската даночна служба или од Centrelink. 
  • Ве прашува за вашите банковни поединости или за вашите лични информации, на пример, за да ви се исплати вратениот данок или за да ви се зголемат исплатите што ги добивате од Centrelink. 
  • Таквите луѓе може да ги употребат вашите поединости за да ви ги украдат парите или за да се претставуваат некаде лажно дека сте вие. 

Запомнете: Бидете претпазливи ако некој ви дојде на врата и тврди дека работи за државата. Во повеќето случаи државните оддели нема да ве контактираат на таков начин.

Ме интересира тоа што го нуди продавачот... што треба да сторам? 

Ако се согласите да купите нешто од продавачот, тој ќе побара од вас да потпишете договор. Тој договор мора: 

  • да биде напишан на јасен и едноставен јазик
  • да ги содржи во целост сите услови
  • да ја содржи вкупната цена или начинот на кој таа се пресметува 
  • да ги вклучува сите трошоци за поштарина или за испорака
  • да ги содржи името и контактните поединости на продавачот 
  • да ги содржи поединостите за добавувачот, вклучувајќи ги адресата и контактните поединости
  • да биде потпишан од вас и од продавачот
  • да биде читко напишан или испечатен (иако било какви промени може да се внесат со пенкало и да се стави покрај нив потпис)
  • да содржи информации за вашите права да го раскинете договорот
  • да биде лесно разбирлив
  • да има приложен формулар во кој се објаснети вашите права ако се предомислите. 

Запомнете: Ако не зборувате добро англиски, НЕ е во ред продавачот да го искористи вашето дете како преведувач за да потпишете вие договор. Пред да потпишете што и да е, треба да побарате примерок од договорот на вашиот јазик.

Потпишав договор и се предомислив... што можам да сторам?

Ако се согласите да купите стоки или услуги во вредност поголема од $100 од продавач од врата на врата, имате рок од 10 работни дена да се предомислите во врска со договорот. Тоа се нарекува период за „оладување“. Ако во текот на тој период заклучите дека договорот не ви одговара, може да го откажете купувањето без никакви трошоци.

Пред да дадете согласност, продавачот мора да ве извести дека имате такво право. Ако се предомислите во текот на периодот за „оладување“, продавачот или добавувачот не смее: 

  • да побара од вас да го „прескокнете“ (откажете) периодот за „оладување“
  • да ви врши притисок да го прифатите договорот
  • да ви наплати казна заради раскинувањето на договорот. 

Договорот може да го раскинете усно или писмено. 

Некој доаѓа на вашата врата и прашува дали сакате да ја смените компанијата што ве снабдува со гас или со електрична енергија

  • Тој ви вели дека неговата компанија ќе ви понуди одличен договор и дека ќе заштедите многу пари. 
  • Продавачот ви врши притисок веднаш да го потпишете договорот. 
  • Вие се чувствувате принудени и потпишувате. 
  • Следниот ден доаѓате до заклучок дека не го сакате тој договор. 

Запомнете: 

  • немојте да се чувствувате принудени да потпишете договор; може да побарате од продавачот да ви ги остави информациите за да ги прочитате
  • ако потпишете, а потоа се предомислите, имате право на периодот за „оладување“
  • јавете се во компанијата што ја извршила продажбата во рок од 10 работни дена за да им кажете дека сте се предомислиле
  • компанијата што ја извршила продажбата не може да ви наплати ништо затоа што сте се предомислиле.

За поединости во врска со продажбата од врата на врата што можеби е лажна, појдете на www.scamwatch.gov.au.