Изнајмување на дом

Skip listen and sharing tools

Почеток на изнајмувањето

Пред да изнајмите стан или куќа, ќе треба да направите писмен или усен договор за изнајмување и да имате доволно пари за да ја платите гаранцијата.

  • Договор за изнајмување (tenancy agreement или lease) е договор меѓу вас и вашиот станодавец. Во договорот се наведени износот на киријата и на гаранцијата, времетраењето и видот на изнајмувањето, како и други услови и правила.
  • Пред да го потпишете договорот за изнајмување, бидете сигурни дека разбирате се што е напишано во него.
  • Земете ги контактните поединости на станодавецот или на агентот.
  • Повеќето станодавци од вас ќе бараат да платите парична гаранција (bond). Ако не ги одржувате станот или куќата чисти, ако направите штета или ако должите пари за кирија кога ќе престанете да го изнајмувате, вашиот станодавец може да побара делумно или во целост да ги задржи парите од гаранцијата.
  • Ако вашиот станодавец бара парична гаранција, тој мора:
  • Јавете се во Органот за гаранции при изнајмување на станбен простор ако не добиете сметкопотврда дека сте платиле гаранција во рок од 15 дена откако сте ја платиле. 
  • Вашата сметкопотврда за платена гаранција е важна - немојте да ја загубите. Кога ќе престанете да ги изнајмувате станот или куќата, сметкопотврдата ќе ви биде потребна за да можете да си ги земете назад парите од гаранцијата.
  • Вашиот станодавец или агент мора да ви даде два потпишани примерока од извештајот за состојбата пред да се вселите. Проверете дали станот или куќата се безбедни и кажете му на вашиот станодавец или агент ако забележите било какви опасности за безбедноста, на пример, несоодветна ограда околу базенот или очигледни проблеми со електричните инсталации и апарати. Проверете ги станот или куќата и пополнете го извештајот, запишувајќи ги сите веќе постојни оштетувања како што се пукнатини, дамки на ѕидовите или скршени дршки. Ако не се согласувате со нешто што го напишал вашиот станодавец или агент во извештајот за состојбата, и тоа напишете го во извештајот. 
  • Вратете му еден потпишан примерок на станодавецот или на агентот во рок од три дена откако ќе се вселите.
  • Задржете еден примерок од извештајот за состојбата. Може да ви биде потребен кога ќе престанете да ги изнајмувате станот или куќата ако настане спор околу тоа кој треба да плати за чистењето, штетите или за заменувањето на работите што недостигаат.
  • Јавете се, по ваш избор, во компаниите за вода, струја, гас и телефонски услуги за да се осигурате дека тие ќе ви бидат приклучени до времето кога ќе се вселите. Општо земено, ваша обврска е да го организирате приклучувањето на тие услуги и да ги плаќате сметките. 

Додека трае изнајмувањето

Кога изнајмувате стан или куќа, имате одредени права и обврски.

  • Плаќајте ја киријата навреме. Имате право за секое плаќање да добиете сметкопотврда. 
  • Одржувајте ги станот или куќата во разумно чиста состојба. Ако не го правите тоа, или ако нанесете штета на станот или куќата, може да не ви бидат вратени сите пари од гаранцијата кога ќе престанете да ги изнајмувате станот или куќата.
  • Немојте да ги обновувате, менувате или преуредувате станот или куќата без согласност на станодавецот.
  • Почитувајте ги мирот и приватноста на соседите, а погрижете се тоа да го прават и вашите гости. 
  • Вашиот станодавец или агент има право да влезе во станот или куќата, меѓутоа должен е за тоа писмено да ве извести најмалку 24 часа порано и да ви каже зошто има потреба да влезе во станот или куќата. Оправданите причини се наведени на нашата Страница за влегување на станодавецот или сопственикот во станот или куќата. Тој исто така може да влезе во станот или куќата во договорен ден и време, но тоа не смее да биде повеќе од седум дена откако било договорено. 
  • Кажете му на вашиот станодавец или агент за сите поправки што треба да бидат извршени. 

    Итни поправки

    • Јавете се кај вашиот станодавец или агент ако ви треба итна поправка. Итни поправки се оние работи што прават станот или куќата да бидат небезбедни или во него да не може да се живее; на пример, оштетена ограда на базенот, оштетена електрична опрема или греалка, пукната водоводна цевка, обилно протекување на вода низ покривот, апарат од кој истекува гас, или пак расипано казанче за вода или клозетска школка. Целосен список може да најдете на нашата Страница со итни поправки.
    • Станодавецот или агентот треба веднаш да одговори на барањето за итни поправки.
    • Ако вашиот станодавец или агент не дејствува итно, може сами да одобрите да се изврши поправка до вредност од најмногу $1800. Чувајте ги сите сметкопотврди и записи за вашите обиди да ги договорите итните поправки. 
    • Потоа можете да му пратите известување на вашиот станодавец или агент во кое ќе барате да ви се надомести трошокот за итните поправки. Тој има рок од 14 дена, броејќи од денот кога го добил известувањето, за да ви плати. Формуларите може да ги најдете на нашата Страница со формулари и материјали за печатење.
    • Ако немате пари за да платите за итните поправки, ако поправките чинат повеќе од $1800, или ако станодавецот одбива да ви плати, јавете се во Викториската организација за потрошувачки прашања (Consumer Affairs Victoria) за совет. 

    Поправки што не се итни

    • Поднесете писмено барање до вашиот станодавец или агент за поправките што не се итни. Може да му напишете писмо или електронска порака, или пак да ги искористите формуларите што може да се најдат на нашата Страница со формулари и материјали за печатење
    • Зачувајте примерок од сите писма, електронски пораки, пишани пораки, формулари и извештаи така што, ако настане проблем или спор, ќе имате доказ за сите ваши постапки и барања.
    • Јавете се во Викториската организација за потрошувачки прашања ако станодавецот или агентот не ги извршил поправките во рок од 14 дена откако бил известен за тоа.

Завршување на изнајмувањето

Кога сакате да се иселите од изнајмен стан или куќа, мора да го известите за тоа вашиот станодавец во договорениот рок и да ги оставите станот или куќата во чиста состојба.

  • Известете го писмено вашиот станодавец или агент кога планирате да си заминете.
  • Проверете во Викториската организација за потрошувачки прашања за да дознаете колку време однапред треба да известите за иселувањето. Тој рок не е секогаш ист и зависи од вашата ситуација.
  • Со вашиот станодавец или агент разговарајте за враќањето на паричната гаранција.
  • Пополнете го молбениот формулар за враќање на паричната гаранција и испратете го до Органот за гаранции при изнајмување на станбен простор. Формуларот мора да биде потпишан од вас и од вашиот станодавец или агент. 
  • Немојте да го потпишувате молбениот формулар за враќање на паричната гаранција ако не се согласувате со износот што станодавецот сака да го задржи од гаранцијата. Јавете се во Викториската организација за потрошувачки прашања за бесплатен совет. 
  • Никогаш немојте да потпишувате празен молбен формулар за враќање на паричната гаранција.
  • Платете ги сите заостанати кирии и сметки.
  • Исчистете ги станот или куќата и земете си ги со себе сите ваши работи.
  • Чувајте го извештајот за состојбата за случај на спор.
  • Оставете адреса и телефонски број за контакт кај вашиот станодавец или агент.

Важни работи што треба да ги запомните

  • Немојте да потпишувате ништо ако не разбирате што значи тоа.
  • Никогаш немојте да потпишувате празен формулар, дури и ако изгледа службено.
  • Чувајте примерок од се што ќе потпишете.
  • Побарајте сметкопотврда секојпат кога треба да платите за нешто.
  • Сметкопотврдата за паричната гаранција што сте ја платиле, како и сите други сметкопотврди за платените кирии или за поправки чувајте ги на сигурно место.
  • Побарајте бесплатен совет од Викториската организација за потрошувачки прашања ако имате проблем со изнајмувањето или некое прашање.